16-то FAI Светско Првенство, 5-18ти август 2019

16-то FAI Светско Првенство во прелети со параглајдер ќе се одржи во Крушево, Македонија, од 5ти до 18ти август 2019.

Македонија ќе ја претставуваат тројца натпреварувачи: Владимир Неделковски, Дарко Станковски и Ѓорѓи Ристовски.

Со 1.350 метри надморска височина, Крушево е највисокиот град на Балканот, и заедно со Пелагонија претставува одлична локација за одржување на годинешното светско првенство.

Изминативе 10тина години Крушево изгради одлична репутација како седиште за организирање на државни и меѓународни натпревари во параглајдинг, и со тоа заслужи да ја добие организацијата на најпрестижниот настан – светското првенство.

Оваа година светското првенство во параглајдинг слави 30 години постоење. 150 пилоти од 48 земји од целиот свет доаѓаат во Крушево заедно со своите пријатели и официјални придружни лица, некои од нив дури и од далечни земји како Аргентина, Јапонија, Нов Зеланд, Исланд итн.

Ке учествуваат шест победници од изминатите светски првенства: Pierre Remy (2017), Honorin Hamard (2015), Charles Cazaux (2011). Од најдобрите девојки доаѓаат: Seiko Fukuoka Naville (2015,2017), Klaudia Bulgakow (2013) и Petra Slivova (2003,2007,2011). Најдобрите 15 пилоти од европското првенство кое се одржа во Крушево во 2016та повторно ќе се сретнат и годинава. Со сето ова се ветува уште едно успешно натпреварување од највисок ранг.

Сите информации околу натпреварот, следење во живо со коментатор, како и резултати од трките ќе бидат достапни на http://pgworlds2019.mk . На истата страна ќе може да ја доживеете акцијата со видео материјал од воздух благодарение на талентираниот Philippe Broers.